АРХЕОЛОГИЈА

Големиот број на артефакти, откриени во посебни археолошки целини, како и некои топграфски карактеристики (доминантна позиција на ридот над непосредната околина, голем радиус на видливост од неговиот врв, до кој може да се стигне по блага падина осветлена од сонцето на неговата југоисточна страна), ја потврдува неговата употреба како планинаско светилиште, на кое бронзенодопските жители од околниот простор изведувале некои „планински“ обреди.


Керамички пехар од рано бронзено време најден на Кокино


Речиси сите археолошки артефакти беа пронајдени на највисокиот дел на локалитетот и малку подолу, на северната падина на ридот. За време на археолошките истражувања беа идентификувани два типа на обредни конструкции: обредни јами и кружни камени конструкции.


Кружна камена конструкција во која се ставале дарови при некој религиозен обред


Обредна јама во која се ставале дарови при некој религиозен обред


Понекогаш, фрагменти од ист керамички сад се наоѓани на повеќе метри оддалеченост едни од други, што значи дека садовите биле кршени, а остатоците од нив се расфрлани, при некој религиозен обред. Наодот на сад со облик на инка укажува дека била применувана и либација (истурање на течности).


Камен калап за лиење на бронзени амулети најден на Кокино


Многу од археолошките наоди од Кокино датираат од раното бронзено време (21- 17 в. пред н. е.), како и од доцното бронзено време (14- 11 в. пред н. е.). Наодите кои датираат од средното бронзено време се многу поретки.

Археолошките истражувања во послеедните неколку години открија траги од населба од железното време (7в. пред н. е.), подигната на јужната падина на ридот. Ова е клучен доказ дека после тоа локалитетот не бил употрбуван како светилиште иако, можеби, продолжила неговата употреба како опсерваторија.


Керамички садови откриени при ископување


Археолошките наоди најдени во обредните јами и кружните камени конструкции се керамички садови и нивни фрагменти, рачни мелници за житарки, пирамидални тегови, прешлени за вретена, калапи за лиење на бронзени предмети, камени секири и др. Освен ова, во обредните конструкции се ставани и мали вотивни керамички фигурини, со претстави на делови од човечко тело и на домашни животни.


Керамичка чаша најдена на Кокино


На локалитетот се пронајдени околу 100 обредни јами, формирани околу природни пукнатини во стените, со заградување на отворот на процепот со поситен камен измешан со земја, а понекогаш и со глина. Археолошките артефакти се нaоѓани на дното на јамите, покриени со земја и поситен камен. Отворот на вака пополнетите јами бил оградуван со камени плочи кои не потекнуваат од локалитетот.

Кружните камени конструкции сe состојат од кружно наредени поголеми природно кршени камења со дијаметар на кругот од 1-2 м. По поставање на даровите во централниот дел на кругот депозитот е покриван со земја и поситен камен, при што се добивал изглед на мал тумул.


АСТРОНОМИЈА

Древната опсерваторија Кокино (или Мегалитската опсерваторија Кокино) е една од најинтересните содржини на овој локалитет. Просторот користен за оваа намена е ориентиран во правец запад – исток. Се состои од пониска, западна и повисока, источна платформа (A и B), со висинска разлика од околу 19 м. меѓу нив, како и западната и северната астрономска платформа ( C и D). Платформите A и B биле користени за обредни дејствија.

Поглед кон тронот на Платформа А


Од платформата C се набљудувани, низ соодветни маркери, изгревите на сонцето во деновите на летната долгоденица и зимската краткоденица, како и за време на пролетната и есенската рамноденица. Маркерите за минимална и максимална деклинација на изгревите на полната месечина, во зиме и во лето и даваат на опсерваторијата посебно значење. Праисториските жители на овој простор знаеле дека, во ист календарски ден, истата фаза на месечината се појавува на исто место на хоризонтот на секои 19 години.

Маркер за летна долгоденица


Астрономските истражувања покажаа дека астрономската платформа C и маркерите се изработени во втората половина на 19 в. пред н. е. На основа на бележењето на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт, праисториските набљудувачи на небото над Кокино изработиле календар со циклус од 19 години. Создавањето на календар е големо достигнување на праисториските жители, доказ за добрата организација на животот и нивната духовна култура.

Маркер за зимска краткоденица


Последните истаржувања покажаа дека астрономската платформа D, на северната падина на локалитетот, служела за набљудување на пролетната и есенската рамноденица, како и на позициите на ѕвездата Алдебаран, во периодот помеѓу 2000 и 1500 г. пред. н. е. Постојат индикации дека старите набљудувачи на небото, со знаењето кое го поседувале, можеле да ги предвидат затемнувањата на сонцето и месечината.


Календар

Календарот на праисториските жители на Кокино е лунарен, направен според привидното движење на месечината. Со долгорочно набљудување на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт, во деновите кога таа е највисоко на небото (во зима) и кога е најниско (во лето), старите набљудувачи на небото над Кокино успеале да ги маркираат нејзините максимални и минимални деклинации во овие сезони (кои се случуваат еднаш во 19 год.), набљудувани од астрономската платформа C.

Месечината над маркерот за минимална деклинација во зима


Така, околу маркерот на кој се појавува сонцето на денот на летната долгоденица, лево и десно од него, се изработени маркерите за максималната и минималната деклинација на полната месечина во зима. (Овие маркери се добро сочувани). Аналогно, лево и десно од маркерот на кој се појавува сонцето на денот на зимската краткоденица се наоѓаат маркерите за минималната и максималната деклинација во летниот период. Изработката на овие месечеви маркери покажува дека старите набљудувачи на небото знаеле за фактот дека истата фаза на месечината се појавува на иста позиција на небото, во ист календарски ден, во интервал од 19 години.

Месечината над Кокино


На основа на овие сознанија бил изработен лунарен календар со циклус од 19 години. Во овој календар, лунарната година имала должина од 12 или тринаесет лунарни месеци, кои содржеле 29 или 30 дена. При тоа, 12 лунарни години содржеле 12 лунарни месеци, од кои 6 зимски со должина од 29 дена и 6 летни со должина од 30 дена. Останатите 7 лунарни години содржеле по 13 лунарни месеци од кои 6 зимски со должина од 29 дена и 7 летни со должина од 30 дена.

Појавување на сонцето на обредниот маркер


За означување и мерење на должината на лунарните месеци од 29 и 30 дена изработени се дополнителни камени маркери, од кои добро е сочуван маркерот за мерење на лунарниот месец од 29 дена.

ОБРЕДИ

Обредите кои се изведувани, како ставање на дарови во природните пукнатини во стените (обредни јами) и во кружните камени конструкции биле, веројатно, врзани со некој култ на плодност и Големата Богинка – Мајка, персонифицирана, во тоа време, како карпест планински врв. Малите вотивни керамички фигурини со претстави на делови од човечко тело и домашни животни имале намена да им обезбедат добро здравје на луѓето и стоката.

Вотивна фигурина - Керамичка претстава на човечка нога


Најмаркантниот астрономски маркер (“Ритуалниот маркер“ K) бил набљудуван од набљудувач кој седел на еден од троновите. Маркерот се наоѓа веднаш под највисокиот дел на локалитетот и на него се појавува сонцето во некои денови од годината. При тоа, сончевите зраци поминуваат покрај десниот раб на вештачки исечената траншеа во карпите кои ја обрабуваат, од запад, платформата B. Потоа минуваат низ уште еден вештачки обработен маркер и осветлуваат само едно камено седиште на платформата А. Денес, овој ефект се случува на 14 или 15 мај и на крајот нна месецот јули (30 или 31 јули).

Сонцето ги огрева троновите низ обредниот маркер


Постоењето на втор маркер за рамнодениците е уште еден, дополнителен доказ, дека градителите на мегалитската опсерваторија Кокино го познавале концептот на рамнодениците.Маркерот за рамнодениците, набљудуван од платформата D, е едновремено и маркер за ѕвездата Алдебаран во времето кога таа платформа е направена, бидејќи Алдебаран се наоѓал во точката на рамнодениците (точка на еквинокс) во 21 в. пред н. е. (2083 год. пред н. е.).

Платформа А - камени тронови


Како и кај најголемиот број на ѕвезди, позицијата на Алдебаран се менува поради неговото сопствено движење и поради прецесијата на земјината оска. Во почетокот на вториот милениум пред н. е., хелијакалното појавување (појавување на хоризонтот на набљудувачот во моментот на изгрејсонце) на Алдебаран во средината на месец мај низ маркерот за рамнодениците, гледан од платформата D, и изгрејсонцето низ „ритуалниот маркер“ K, гледано од платформата со троновите, се случувало во истото утро. Бидејќи маркерот за рамнодениците и „ритуалниот маркер“ се изработени во истиот каменен блок, тој е заеднички, т. е. „двоен“ маркер за платформите A и D.

Сонцето заоѓа над Кокино


Осветлувањето на еден од троновите како и појавувањето на Алдебаран и сонцето на „двојниот“ маркер биле набљудувани, веројатно, во рамките на некои ритуални прослави со кои се одбележувале почетоци на нови сезони, обнова на природата и нови циклуси на земјоделски и сточарски активноости од кои зависел опстанокот на праисториската заедница.

Двојниот (обреден и астрономски) маркер K бил набљудувам од две различни платформи



Појавување на сонцето на маркерот за рамнодениците.

1-5 - Позиции на појавување на ѕвездата Алдебаран од 2083 до 1500 година п.н.е.



МИТОВИ И ПРИКАЗНИ

Древни ритуали


Како локалитет, Кокино е препознатливо по тоа што има двојна улога. Додека еден дел од маркерите кои се изделкани во карпата се користеле од практични причини, како начин за следење на времето и сезоните, другиот дел од маркерите, заедно со камените престоли, имал и ритуално значење, заедно со самата карпа. Како светилиште, се смета дека Кокино било и регионален религиозен центар, што значи дека луѓе патувале и до два дена пешки за да ги извршат своите ритуали.


Сонцето на маркерот за летна долгоденица


За народите кои живееле во околината на Кокино во Бронзената доба, слично како и за други народи од периодот, елементите биле живи, имале свои карактери и расположенија.
Археолозите претпоставуваат дека две главни форми на религиозни ритуали се изведувале на локалитетот, како дел од обожувањето на две божества кои во една или друга форма биле обожувани во многу култури пред и за време на Бронзената Доба – Големата Богинка Мајка и Сонцето.

Големата Богинка Мајка била персонификација на растот, на плодната земја која ги раѓала посевите, ги хранела домашните животни и самите луѓе кои живееле од неа. Карпите на Кокино имаат вулканско потекло поради што постојат бројни хоризонтални и вертикални пукнатини. Луѓето кои живееле во близина, пукнатините ги доживувале како отвори во утробата на Големата Богинка Мајка. На просторот за обреди, тие носеле дарови од своите куќи, најчесто садови полни со овошје, зеленчук, течни жртви, фигурини, мелници за жито, пирамидални тегови, калапи за лиење на бронзени предмети и како такви ги полагале во тие природни отвори. Откако ќе ги положеле, ги затрупувале со земја и камен. Овие дарови требало да ја одоброволат божицата за таа да им даде плодна сезона.


Керамички садови откриени при ископување


Друг обред за кој се верува дека се одржувал на Кокино е поврзан со божеството на Сонцето. Сонцето, кое било сметано за син на Големата Богинка Мајка, означувало светлина, сила, моќ и топлина. Археолозите сметаат дека токму за да се пренесе симболичната моќ на сонцето и правото да се владее со племето се исклесани и троновите на Кокино. Луѓето кои седат на нив се свртени со своите лица на исток.


Платформа А - камени тронови


Сонцето тогаш излегува на источниот хоризонт со тоа што прво го осветлува тој што седи на едниот престол, а потоа и сите други престоли и на тој начин дава легитимитет и сила на старешината или свештеникот да владее со својот народ. На тој начин, моќта на сонцето се пренесува на лицето на кое паѓа светлото.

Низ ритуалите кои ги практикувале, луѓето кои живееле во Бронзената Доба ја покажувале својата почит кон природата и желбата да се приближат до нивните божества. Ако го посетите Кокино на некој од овие денови, во зенитот на моќта на елементите, можеби и Вие, барем на еден момент, ќе бидете пренесени во легендарното минато на локалитетот, кога живите богови сѐ уште шетале по нашата земја.



Најборбените

Како географска локација, Кокино и неговата околина биле постојано населени уште од почетокот на Бронзената Доба. Разни народи и цивилизации низ вековите го сметале Кокино за свој дом. За некои од нив, како градителите на обсерваторијaта и светилиштето можеме само да претпоставуваме како живееле, поради недостаток на пишан јазик и ограничениот број на артефакти и остатоци од периодот кога тие биле раширени низ овие предели. За други, пак, историјата зачувала текстови, записи и преданија, па за нив можеме да откриеме повеќе детали.

Познато е дека на територијата на денешна Република Македонија, во железната доба и во антиката биле населени Пајонците, народ опеан и во Хомеровата Илијада. Познати по своите јавачки способности, Пајонците се бореле на страната на Тројанците во Тројанската војна. Поради своите вештини како коњаници, тие се регрутирани и во грчките, а во подоцнежни времиња и во римските војски како дел од тешката коњица.


Хипаспи - Штитоносец


На малку од луѓето кои го посетуваат Кокино им е познато дека на територијата која ја нагледува обсерваторијата во времето на Александар Македонски живеел еден од најборбените народи во регионот - Агријаните. Агријаните биле дел од Пајонските племиња, познати по својата вештина во фрлањето на копја, како и својата дисциплина како воена единица. За да ја задржат брзината, со себе носеле сноп џилити, без оклопи и шлемови, па можеби дури и без штитови. Биле вешти во справувањето со тешки терени каде не било практично да се користи фалангата или мобилноста била повредна.

Регионот во кој живееле може грубо да се триангулира во просторот помеѓу денешно Куманово во Македонија, Врање во Србија и Перник во Бугарија. Александар бил познат по тактиката да ги напаѓа непријателите со таканаречен „чекан и наковална“ пристап –коњицата - чеканот, се обидувала да ги заобиколи и нападне непријателите одзади и да ги потисне врз пешадијата – наковалната. Оваа стратегија била високо исплатлива, но и високо ризична.


Агријански војник


Доколку коњицата не успеала да ги разбие редовите или да ги заобиколи противниците, Александар и остатокот од водачите на војската биле изложени на опасност од напад. Агријаните, мобилни и вооружани со кратки копја и мечеви, ги сочинувале тоа што денес би биле елитните одреди или телохранителите. За нив се говори дека дури неколку пати го спасиле животот на Александар. Пример за ова е битката кај Гавгамела, каде војската на Александар влегла во одлучувачка борба против војската на перскискиот крал Дариус III. Се говори дека Александар во еден момент од битката паднал од својот коњ и бил опкружен од силите на Дариус и дека само благодарение на брзата реакција на Агријаните и остатокот од неговата гарда, кои го одбраниле од нападот, бил спасен неговиот живот.

Можеби токму од врвот на Кокино некои од нив за последен пат ја гледале својата земја како се протега од едниот до другиот крај на хоризонтот, пред да заминат да се борат во походите на Александар и со своите успеси да го удрат темелот на една од најголемите империи во историјата.



Проклетиот рид

Уште пред да биде откриено Кокино како мегалитска опсерваторија и светилиште во 2001 година, мештаните од околината го сметале за место кое поседува мистериозни моќи. Дури и денес, дел од населението верува дека Кокино е проклето и дека тие кои ќе се задржат предолго или ќе се дрзнат да го нарушат локалитетот ќе бидат казнети. Доколку се сретнете со некој од нив, можеби ќе го убедите да Ви ја раскаже случката од пред околу 50-60 години со која и започнало модерното верувањето во моќите на Кокино.


Поглед на планината на која се наоѓа Кокино


Луѓето велат дека во тој период,на неколку денови и само во определени денови од денот, камења со големина на човечка тупаница паѓале по покривите на куќите кои биле најблиски до локалитетот. Камењата паѓале како од небо, во налети како некој да ги истура со кофа од високо. На сопствениците на овие поседи овој настан им ги оштетил покривите и прозорите, па тие, најверојатно мислејќи дека некој од локалните шегобијци се мајтапи со нив, ја повикале тогашната Југословенска полиција да го расчисти случајот. Полицијата, пак, позната по својата строгост и темелност, организирала следење и набљудување на локалитетот со надеж дека престаникот ќе биде фатен и соодветно казнет. На неколку денови, малото село изгледало како сцена од некоја крими-новела. Сепак, покрај сите напори на полицијата и мештаните, полицијата никогаш не го нашла сторителот, а камењата и понатаму продолжиле да паѓаат врз покривите на куќите. Сопствениците на овие две-три куќи, не можеле да го поднесат трошокот постојано да ги поправаат своите покриви и психолошкиот стрес да бидат под опсада од камења кои по сите наоди изгледало дека не се фрлени од човечка рака. Тие се иселуваат од куќите и никогаш не се враќаат.

Ако почнете да се качувате на Кокино, од десната страна ќе ги видите тие неколку напуштени куќи, кои и денес ги потсетуваат посетителите дека влегуваат во место кое бара почит, на кое сѐ уште одекнуваат ехата од ритуалите кои се одржувале пред милениуми. Други, пак, ќе Ви кажат дека народниот фолклор отсекогаш имал тенденција да увеличува и да го потенцира мистичното во сите приказни. Колкав дел од оваа локална легенда е вистинит? Дали планината навистина ги казнила тие кои се осмелиле да го пројдат нејзиниот праг, или бујната фантазија на локалните жители си го направила своето? Посетете го Кокино и одлучете за себе.